-
Правила и услови за медиумските услуги на Apple
-
-
Овие правила и услови создаваат договор помеѓу вас и Apple („Договорот“). Прочитајте го Договорот внимателно.
СОДРЖИНА
А. ВОВЕД
Б. ПЛАЌАЊА, ДАНОЦИ И ПОВРАТ НА СРЕДСТВА
В. СМЕТКА
Г. ПРИВАТНОСТ
Д. ПРИСТАПНОСТ
Ѓ. ПРАВИЛА ЗА КОРИСТЕЊЕ НА УСЛУГИТЕ И СОДРЖИНАТА
Е. ПРЕСТАНОК И УКИНУВАЊЕ НА УСЛУГИТЕ
Ж. ПРЕЗЕМАЊА
З. ПРЕТПЛАТИ
Ѕ. ДОСТАПНОСТ НА СОДРЖИНИТЕ И УСЛУГАТА
И. УРЕДИ И ОПРЕМА ОД ТРЕТИ СТРАНИ
Ј. КОРИСНИЧКА ПОДДРШКА
К. ВАШИ ПОДНЕСОЦИ ЗА НАШИ УСЛУГИ
Л. СЕМЕЈНО СПОДЕЛУВАЊЕ
Љ. СЕЗОНСКА ПРОПУСНИЦА И ПОВЕЌЕКРАТНА ПРОПУСНИЦА
М. ДОПОЛНИТЕЛНИ ОДРЕДБИ ЗА APP STORE
Н. ДОПОЛНИТЕЛНИ ОДРЕДБИ ЗА APP STORE, APPLE BOOKS, APPLE PODCASTS И ИЗБРАНИ СОДРЖИНИ
Њ. ДОПОЛНИТЕЛНИ ОДРЕДБИ ЗА APPLE MUSIC
О. ДОПОЛНИТЕЛНИ ОДРЕДБИ ЗА APPLE FITNESS+
П. ЧЛЕНСТВО ВО ДИСТРИБУТЕР
Р. РАЗНО ОДРЕДБИ ПРИМЕНЛИВИ ЗА СИТЕ УСЛУГИ
А. ВОВЕД
Овој Договор го регулира вашето користење на услугите на Apple („Услуги“) преку кои можете да купувате, добивате, лиценцирате, изнајмувате или да се претплатите на содржини, апликации (како што е дефинирано подолу) и други услуги во апликациите (збирно наречени „Содржини“). Содржините може да бидат понудени преку Услугите од Apple или од трета страна. Примерите за услуги ги вклучуваат, каде што се достапни, App Store, Subscriptions (како што е дефинирано подолу), Apple Arcade, Apple Books, Apple Fitness+, Apple Games, Game Center, Apple Music, Apple News, Apple One, Apple Podcasts, Apple Sports, Apple TV, iTunes и Shazam. Нашите услуги се достапни за ваша употреба во вашата земја или територија на живеење („Матична земја“), како и секоја друга земја членка на ЕУ во која се наоѓате привремено. Со создавање сметка за користење на услугите во одредена земја или територија, таа земја ја наведувате како ваша матична земја. За да ги користите нашите услуги, потребен ви е компатибилен хардвер, софтвер (се препорачува најнова верзија, а понекогаш е и неопходна) и пристап до интернет (може да произлезат трошоци). Овие фактори може да влијаат врз перформансите на нашите услуги.
Б. ПЛАЌАЊА, ДАНОЦИ И ПОВРАТ НА СРЕДСТВА
Може да ја добиете содржината на нашите услуги бесплатно или со наплата, притоа секој од овие начини се нарекува „трансакција“. Со секоја трансакција добивате лиценца за да ја користите само содржината. Секоја трансакција претставува електронски договор помеѓу вас и Apple и/или вас и субјектот којшто ја испорачува содржината на нашите услуги. Меѓутоа, ако сте клиент на Apple Distribution International Ltd. или на Apple Services Pte. Ltd, тогаш тој субјект е регистрираниот трговец за сите содржини што ги добивате од Apple Books, Apple Podcasts или App Store, како што е прикажано на страницата со производи и/или во текот на процесот на набавка на соодветната услуга. Во тој случај, вие ја добивате содржината од Apple Distribution International Ltd. или Apple Services Pte. Ltd., како што е применливо, кој е лиценциран од испорачувачот на содржината (на пр., испорачувач на апликација (како што е дефинирано подолу), издавач на книга итн.). Кога ќе ја направите вашата прва трансакција од вас ќе биде побарано да изберете колку често да бидете прашувани за вашата лозинка при идни трансакции. На применлив хардвер на Apple, ако вклучите Touch ID [Идентификација на допир] за трансакции, од вас ќе биде побарано да ја потврдувате автентичноста на сите трансакции со вашиот отпечаток од прст, а ако вклучите Face ID [Идентификација на лице] за трансакции, од вас ќе биде побарано да ја потврдувате автентичноста на сите трансакции преку препознавање на вашето лице. Управувајте со поставките за вашата лозинка во секое време, со следење на овие упатства: https://support.apple.com/HT204030.
Apple ќе изврши наплата преку вашиот избран начин на плаќање за сите платени трансакции, вклучувајќи ги и сите применливи даноци. Доколку вашиот начин на плаќање сте го додале и во вашиот Apple Wallet (паричник на Apple), Apple ќе може да изврши наплата преку вашиот избран начин на плаќање и во Apple Wallet, со користење на Apple Pay. Може да поврзете повеќе начини на плаќање со вашата сметка за Apple, што ќе значи дека се согласувате со тоа Apple да може да ги зачува и да наплаќа со тие начини при трансакции. Вашиот примарен начин на плаќање се појавува на врвот на страницата за плаќање со поставки на вашата сметка.
Ако од која било причина не може да се изврши наплата преку вашиот примарен начин на плаќање (како што е истек или недоволно средства), вие го овластувате Apple да се обиде да изврши наплата преку вашите останати прифатливи начини на плаќање, по редослед од врвот кон дното, како што тие се појавуваат на страницата за плаќање со поставки на вашата сметка. Доколку не можеме да извршиме наплата вие и понатаму ќе ја сносите одговорноста за сите ненаплатени износи, при што може да се обидеме повторно да ви наплатиме или да побараме да наведете друг начин на плаќање. Ако одредена содржина сте ја нарачале однапред ќе ви биде наплатено кога содржината ќе ви биде испорачана (освен ако ја откажете нарачката пред содржината да стане достапна). Во согласност со националното законодавство, Apple може автоматски да ги ажурира информациите за плаќање за вашите начини на плаќање, ако тие информации се обезбедени од мрежите за плаќање или вашите финансиски институции. Условите поврзани со картички/кодови за лојалност и картички/кодови за подароци се достапни тука: https://www.apple.com/legal/internet-services/itunes/giftcards/. За повеќе детали во врска со наплатата на трансакциите, посетете http://support.apple.com/HT201359. Се согласувате да ги добивате сите фактури во електронска форма, што може да вклучува и е-пошта. Цените на содржините може да се променат во секое време. Ако техничките проблеми спречуваат или неразумно ја одложуваат испораката на содржините или ако содржините недостасуваат, ваш единствен лек е повторна испорака на содржините (ако е можно) или враќање на платените средства. Повремено Apple може да одбие или откаже плаќање или пак да одбие барање за поврат на средства ако наиде на докази за измама, злоупотреба, незаконско или друго манипулативно однесување, што нему му го дава правото на соодветна противтужба.
Право на откажување: ако изберете да ја откажете нарачката, тоа може да го сторите во рок од четиринаесет (14) дена откако сте ја примиле потврдата за плаќањето, без притоа да наведувате причина за откажувањето.
За да ја откажете нарачката мора да нè известите за вашата одлука. За да си обезбедите непосредна обработка, ви препорачуваме да ја користите опцијата Report a Problem [Пријави проблем] за да ги откажете сите производи, освен опцијата Complete My Session [Заврши ја мојата сесија] која може да се откаже со контактирање на поддршката на Apple. Услугите за претплата може да се откажат само по првичната претплата, но не и по секое автоматско обновување. Имате право да нè информирате и користејќи го моделот на образец за откажување подолу или со давање на каква било друга јасна изјава. Ако користите Report a Problem, без одложување ќе ви испратиме потврда за прием на вашето откажување.
За да се откажете од претплатата во дадениот рок, морате да го испратите известувањето за откажување пред да истече периодот од четиринаесет (14) дена.
Ефекти од откажувањето: средствата ќе ви ги надоместиме не подоцна од четиринаесет (14) дена од денот кога ќе го примиме вашето известување. Ќе ги користиме истите начини за плаќање што сте ги користеле за трансакцијата и за тоа нема да сносите никакви трошоци.
Исклучок од правото на откажување: не можете да ја откажете вашата нарачка за испорачување содржини доколку испораката започнала на ваше барање и со сознание дека со тоа ќе го изгубите правото на откажување.
Модел на образец за повлекување:
- До Apple Distribution International Ltd., iTunes Store Customer Support, Hollyhill Industrial Estate, Hollyhill, Cork, Republic of Ireland, rightofwithdrawal@apple.com:
- Ве известувам дека се повлекувам од мојот договор за следново:
[ВНЕСИ ИДЕНТИФИКАЦИСКИ БРОЈ НА НАРАЧКА, ПРОИЗВОД, ИЗВЕДУВАЧ И ТИП]
- Нарачано на [ВНЕСИ ДАТУМ] / примено на [ВНЕСИ ДАТУМ]
- Име на клиентот
- Адреса на клиентот
- Е-пошта на клиентот
- Датум
В. СМЕТКА
За користење на нашите услуги и пристап до вашата содржина, може да ви биде потребна сметка за Apple. Сметката за Apple (претходно наречена Apple ID) е сметката што ја користите во екосистемот на Apple. Користењето на Центарот за игри [Game Center] е предмет на овој договор и за него е потребна сметка. Вашата сметка има своја вредност и вие сте одговорни за одржувањето на нејзината доверливост и безбедност. Apple не е одговорен за какви било загуби коишто може да произлезат од неовластено користење на вашата сметка. Контактирајте го Apple ако се сомневате дека вашата сметка е загрозена.
Мора да бидете на возраст од тринаесет (13) години (или соодветна минимална возраст во вашата матична земја, како што е наведено во процесот на создавање сметка за Apple) за да може да создадете сметка и да ги користите нашите услуги. Сметки за Apple за лица под оваа возраст може да бидат создавани од страна на родител или законски старател, со користење на опцијата Family Sharing [Семејно споделување] или од страна на одобрена образовна институција, иако одредени уреди може да спречат такви сметки за Apple да пристапуваат до одредени услуги на уредот. Родител или законски старател кој создава сметка за малолетно лице треба да го прегледа овој договор со малолетното лице, за да се увери дека и двајцата го разбираат.
Може да додадете, да известите за или да отстраните контакт-лице кое ќе ја наследи вашата сметка за Apple, како што е опишано во http://support.apple.com/HT212360. Пристапот на контакт-лицето кое ќе ја наследи вашата сметка за Apple до самата сметка за Apple му е ограничен, како што е опишано во http://support.apple.com/HT212361.
Г. ПРИВАТНОСТ
Вашето користење на нашите услуги е предмет на Политиката за приватност на Apple, достапна на https://www.apple.com/legal/privacy/.
Д. ПРИСТАПНОСТ
За да дознаете за функциите за пристапност и други информации поврзани со пристапноста во врска со Услугите, одете на https://www.apple.com/accessibility/labels.
Ѓ. ПРАВИЛА ЗА КОРИСТЕЊЕ НА УСЛУГИТЕ И СОДРЖИНАТА
Користењето на услугите и содржината од ваша страна мора да ги следи правилата наведени во овој дел („Правила за користење“). Секое друго користење на услугите и содржината претставува материјално кршење на овој договор. Apple може да го следи вашето користење на услугите и содржината за да се осигури дека ги следите овие правила за користење.
Сите услуги:
- Може да ги користите услугите и содржината само за лични, некомерцијални цели (освен како што е наведено во делот за содржина на App Store подолу или ако е поинаку посочено од Apple).
- Испораката на услугите или содржината од Apple не ви пренесува никакви права за комерцијално или промотивно користење, ниту пак претставува доделување или одрекување од какви било права на сопствениците на авторските права.
- Може да користите содржина од најмногу пет (5) различни сметки за Apple на секој уред.
- За секоја услуга со вашата сметка за Apple може истовремено да имате најавено до десет (10) уреди (но само најмногу пет (5) компјутери), иако истовремената размена на податоци или преземањe содржина може да бидат ограничени на помал број уреди, како што е утврдено подолу за содржината на Apple Music и Apple TV. Секој компјутер мора да биде авторизиран со користење на истата сметка за Apple (за да дознаете повеќе за авторизацијата на компјутерите, посетете https://support.apple.com/HT201251). Уредите може да бидат поврзани со различна сметка за Apple, еднаш на секои деведесет (90) дена.
- Не смеете да манипулирате со бројот на репродукции, преземања, оценки или прегледи преку какви било средства — како на пример (i) користење бот, скрипта или автоматизиран процес; или (ii) обезбедување односно прифаќање каков било надомест или стимул.
- Не смеете да користите никаков софтвер, уред, автоматизиран процес или каков било сличен или ист рачен процес за гребење, копирање или да вршите мерење, анализа или следење на кој било дел од содржината или услугите.
- Ваша е одговорноста за тоа да не дојде до губење, уништување или оштетување на содржината откако ќе биде преземена. Ве охрабруваме редовно да правите резервна копија од вашата содржина.
- Не смеете неовластено да ги менувате или да ги заобиколувате безбедносните технологии вклучени во услугите или содржината.
- До нашите услуги може да пристапите само со користење на софтверот на Apple и притоа не смеете да го менувате или да користите модифицирани верзии на овој софтвер.
- Може да ја погледнете страницата на производот за секоја услуга или апликација од трета страна во App Store, за да ја утврдите компатибилноста.
- Видеосодржината бара HDCP-конекција.
Продажба и изнајмување на аудио- и видеосодржина:
- Може да користите Содржини без опцијата за Управување со дигитални права [Digital Rights Management] (DRM) на разумен број компатибилни уреди, коишто ги поседувате или контролирате. Содржината заштитена со DRM може да ја користите на најмногу пет (5) компјутери и на колку било уреди што сте ги синхронизирале од тие компјутери.
- Изнајмувањата содржина може да се видат на еден уред одеднаш и мора да се репродуцираат во рок од триесет (30) дена, а да се завршат во рок од четириесет и осум (48) часа од почетокот на репродукцијата (со стопирање, паузирање или рестартирање овој период не се продолжува).
- Може да снимите аудиосписок за репродукција од купена музика на диск за слушање, најмногу до седум (7) пати; ова ограничување не се однесува на содржина без DRM. Друга содржина не може да биде снимена на диск. Може да го користите дискот на кој сте ја снимиле содржината на ист начин на кој може да користите диск купен од продавница за малопродажба, што е предмет на националното законодавство за авторски права.
- Купената содржина генерално ќе остане достапна за вас за да може да ја преземате, одново да ја преземате или да ѝ пристапувате на друг начин, од Apple. Иако е малку веројатно, откако ќе ја купите содржината, таа може да биде отстранета од услугите (на пример, бидејќи испорачувачот ја отстранил) и да стане недостапна за понатамошно преземање или пристап од Apple. Со цел да ја загарантирате вашата можност за да продолжите да уживате во содржината, ве охрабруваме да ја преземете целата купена содржина на уред што го поседувате и да направите резервна копија од неа.
Содржина на App Store:
- Терминот „Апликации“ ги вклучува апликациите и миниапликациите (App Clips) за која било платформа и/или оперативен систем на Apple, вклучувајќи ги сите купувања во апликации (in-app), наставки (како што се тастатури), налепници и претплати, коишто се достапни во таквите апликации или миниапликации.
- Лицата кои делуваат во име на трговски претпријатија, владини организации или образовни институции („Претпријатие“) може да преземаат и синхронизираат апликации кои не се дел од Arcade, за користење од страна на (i) едно лице, на еден (1) или повеќе уреди во сопственост или под контрола на претпријатие; или (ii) повеќе лица, на еден споделен уред во сопственост или под контрола на претпријатие. Заради појасен увид, за секој уред којшто се користи сериски или колективно, од страна на повеќе корисници, потребна е посебна лиценца.
Apple Music:
- Индивидуалното членство во Apple Music ви дозволува размена на податоци на еден уред одеднаш; Семејното членство ви дозволува, вам или на членовите од вашето семејство, размена на податоци на најмногу шест (6) уреди одеднаш.
Apple Arcade:
- Апликациите од Apple Arcade може да се преземаат или одново да се преземаат само со активен пробен период или со претплата за Apple Arcade.
- Доколку вашата претплата заврши, повеќе нема да може да пристапите до апликациите преземени преку Apple Arcade.
Содржина на Apple TV:
- За повеќето од каналите важи дека може да разменувате видеосодржина најмногу на три (3) уреди истовремено.
- Дознајте повеќе за Правилата за користење на содржината на Apple TV на https://support.apple.com/HT210074.
Е. ПРЕСТАНОК И УКИНУВАЊЕ НА УСЛУГИТЕ
Ако не успеете да ги исполните вашите основни обврски во овој Договор, како што се обврската за плаќање или обврските наведени во деловите „ВАШИТЕ ПОДНЕСУВАЊА ЗА НАШИТЕ УСЛУГИ“ или „СМЕТКА“, или во случај на измама, Apple може: (i) да го укине овој договор и/или вашата сметка за Apple, а вие ќе останете одговорни за сите неподмирени износи направени со вашата сметка за Apple сè до, и вклучувајќи го и, датумот на престанокот; и/или (ii) да ја укине вашата лиценца за софтверот; и/или (iii) да ви оневозможи пристап до услугите. При одлучувањето дали да го прекине или суспендира вашиот пристап до Услугите, Apple ќе земе предвид низа фактори, вклучувајќи ја сериозноста на непочитувањето и дали претходно не сте го почитувале овој Договор.
Исто така, Apple го задржува правото да ја измени, откаже или прекине услугата (или кој било нејзин дел или содржина од истата) во секое време, поради технички или оперативни причини и Apple нема да биде одговорен кон вас или кон трети страни доколку ги спроведе таквите права. Колку што е тоа можно, Apple ќе ве предупреди однапред за каква било измена, откажување или прекинување на услугата. Модифицирањето, суспендирањето или прекинот на услугата нема да влијае врз содржината што веќе сте ја добиле и презеле. Сепак, може да не можете да овластите дополнителни компјутери да ја користат таквата содржина. Ако Apple прекине некоја услуга што е претплата за која веќе сте платиле, Apple ќе ви обезбеди поврат на средствата.
Ж. ПРЕЗЕМАЊА
- Може да имате ограничување во количината на содржина којашто може да ја преземате, а дел од преземената содржина може да истече по одреден временски период откако сте ја презеле или првпат сте ја пуштиле. Одредена содржина може воопшто да не биде достапна за преземање.
Претходно стекнатата содржина може одново да ја преземете („Одново преземање“) на вашите уреди кои се најавени со иста сметка за Apple („Поврзани уреди“). Типовите содржина што се достапни за одново преземање во вашата матична земја може да ги видите на https://support.apple.com/HT204632. Содржината може да не биде достапна за одново преземање ако таа повеќе не се нуди во нашите услуги.
Содржината може, исто така, да биде отстранета од нашите услуги во секое време (на пример, затоа што Apple го изгубил своето право од испорачувачот да ја направи достапна), по што таа повеќе нема да може да се презема, одново да се презема или пак да ѝ се пристапува на некој друг начин, од Apple. Ве охрабруваме редовно да правите резервна копија од вашата содржина.
З. ПРЕТПЛАТИ
Услугите и определени апликации може да ви овозможат да купите пристап до содржини или услуги врз основа на претплата („Претплати“). Претплатите автоматски се обновуваат сѐ додека не бидат откажани во делот „Управување со претплати“ од поставките на вашата сметка. За да дознаете како можете да го исполните вашето право на откажување на вашите претплати, одете на https://support.apple.com/HT202039.
Ќе бидете известени во разумно време однапред ако дојде до зголемување на цената на претплатата и, таму каде што е применливо, ќе биде потребна ваша согласност за нејзино продолжување. Во спротивно, зголемувањето на цената ќе се применува освен ако не ја откажете таа претплата. Цената на претплатата на претплатите понудени од страна на Apple како испорачувач на содржини („Претплати на Apple“) може да се зголеми поради лиценцирање содржини, техничка инфраструктура, работна сила, даноци, размена на валута или други зголемувања на оперативните трошоци или промени во економскиот контекст.
Освен ако не откажете претплата, ќе ви се наплати не повеќе од дваесет и четири (24) часа пред почетокот на најновиот период на претплата. Ако од некоја причина не можеме да извршиме наплата преку вашиот начин на плаќање (како што е истекување или недоволно средства), а вие сè уште не сте ја откажале претплатата, тогаш и понатаму ќе бидете одговорни за сите ненаплатени износи, а ние ќе се обидеме да извршиме наплата преку вашиот начин на плаќање затоа што може да ги ажурирате информациите за вашиот начин на плаќање. Ова може да резултира со промена во почетокот на вашиот следен период на претплата и може да го промени датумот на кој ви се наплатува за секој нареден период, како што е прикажано на вашата сметка. Одредени претплати може да ви понудат бесплатен пробен период пред да ви наплатат преку вашиот начин на плаќање. Ако одлучите да се откажете од некоја претплата пред да почнеме со наплатата преку вашиот начин на плаќање, откажете ја претплатата најмалку дваесет и четири (24) часа пред завршувањето на бесплатниот пробен период. Ако започнете бесплатен пробен период на претплата на Apple и ја откажете пред да заврши, не можете повторно да го активирате бесплатниот пробен период. Ние го задржуваме правото да ја откажеме вашата претплата ако не се согласувате со материјални промени на претплатата, за кои ни е потребна ваша согласност или ако не можеме успешно да наплаќаме од вашиот начин на плаќање за да ја обновиме вашата претплата.
Бесплатните пробни периоди или бесплатните понуди за претплатите на Apple, со исклучок на iCloud, не може да се комбинираат со какви било други бесплатни пробни периоди или понуди на Apple One. Ако имате бесплатен пробен период или бесплатна понуда за кои било претплати на Apple и се претплатите на Apple One, вашиот/-ите бесплатен/-ни пробен/-ни период/-и или понуда/-и нема да бидат паузирани, дури и ако имате пристап до таквата/-ите претплата/-ти на Apple преку вашата претплата на Apple One. Потврдувате дека вата бесплатна проба или бесплатна понуда може да истече додека сте претплатник на Apple One, а Apple нема обврска да ви врати, да ве обесштети или на друг начин да ви надомести за кој било дел од таквата истечена бесплатна проба или бесплатна понуда. Кога вашата претплата за која било услуга или содржина ќе заврши, ќе го изгубите пристапот до каква било функционалност или содржина на таа услуга за која е потребна претплата.
Ѕ. ДОСТАПНОСТ НА СОДРЖИНИТЕ И УСЛУГАТА
Правилата содржани во овој договор, кои се однесуваат на услуги, типови содржина, функции или функционалности коишто не се достапни во вашата матична земја, не се однесуваат на вас, освен ако, и сѐ додека, не станат достапни за вас. За да ги видите типовите содржина коишто се достапни во вашата матична земја, одете на услуги или посетете https://support.apple.com/HT204411. Одредени услуги и содржини кои ви се достапни во вашата матична земја може да не ви бидат достапни кога ќе патувате надвор од вашата матична земја, освен ако ова не е неопходно според закон.
И. УРЕДИ И ОПРЕМА ОД ТРЕТИ СТРАНИ
Можеби нема да може да ги користите услугите или одредени функции на услугите ако им пристапувате од уред што не е од марката Apple. Погледнете ја продавницата за апликации на вашиот уред од трета страна за да утврдите дали услугата е поддржана. Дополнително, одредени услуги може да бараат, да ве насочуваат или да предложат да користите опрема од трети лица во некои околности и/или за одредени активности; таквата употреба подлежи на правилата и условите на таа опрема и треба да се врши во согласност со применливите упатства на производителот. Со користење на услугите се согласувате дека Apple може повремено автоматски да презема и инсталира мали ажурирања на својот софтвер на опрема од трети лица.
Ј. КОРИСНИЧКА ПОДДРШКА
Ако имате прашања за нашите услуги, вклучително, на пример, за наплатата и претплатите или за вашата сметка за Apple, одете на https://getsupport.apple.com, каде што ќе можете да се поврзете со нас телефонски, преку е-пошта или преку виртуелен разговор, откако ќе го изберете проблемот што е најрелевантен за вас. Ако изберете да разговарате со нас, имате можност да ја преземете транскрипцијата од разговорот, во која ќе бидат вклучени и датумот и времето на разговорот.
Ќе ви овозможиме општа поддршка за сите услуги, освен за App Store, за која важи следново: Apple ќе ви овозможи поддршка за сите прашања поврзани со трансакцијата, вклучително, но не и ограничено на, плаќање, испорака и поврат на средства; за сите прашања поврзани со содржината и функционалноста на апликацијата, контактирајте го испорачувачот на апликацијата (како што е прикажано на страницата за производи на апликацијата на App Store).
К. ВАШИ ПОДНЕСОЦИ ЗА НАШИ УСЛУГИ
Нашите услуги може да ви овозможат да поднесувате или објавувате материјали, како што се коментари, оценки и рецензии, слики, видеа и поткасти (вклучувајќи ги и придружните метаподатоци и илустрации). Користењето на таквите функции мора да е во согласност со долунаведените насоки за поднесоци, коишто повремено се ажурираат, при што ако дознаеме дека одредени материјали ги прекршуваат нашите насоки за поднесоци, ќе ги отстраниме. Ако видите материјали кои не се во согласност со насоките за поднесоци, вклучително и одбивна, навредлива или незаконска содржина, известете нè на reportaproblem.apple.com или контактирајте со поддршката на Apple. Освен до степен до кој тоа е забрането со закон, вие му давате светска и неексклузивна лиценца без надоместоци на Apple, за тој да може да ги користи материјалите кои ги поднесувате во рамки на услугите и поврзаниот маркетинг, како и да ги користи материјалите што ги поднесувате за внатрешни цели на Apple. Apple може да ги следи и да одлучи да отстрани или уреди некои од поднесените материјали, вклучително и преку автоматизирани филтри за содржина и/или човечки преглед. Apple не следи или не потврдува дали сте користеле услуга или сте консумирале некоја содржина пред да поднесете коментар, оценка или рецензија за таа услуга или содржина. Ако Apple ги отстрани вашите материјали затоа што не се во согласност со Упатствата за поднесување, информациите за вашите опции за обесштетување се достапни на apple.com/legal/dsa/redress-options.
Насоки за поднесоци: не може да ги користите услугите за:
- да објавувате какви било материјали (i) за кои немате дозвола, право или лиценца за употреба или (ii) кои ги кршат правата на која било трета страна;
- да објавувате или поднесувате несоодветни, навредливи, незаконски, лажни, неточни или штетни содржини;
- да објавувате лични, приватни или доверливи информации коишто им припаѓаат на други лица;
- да барате лични податоци од малолетно лице;
- лажно или погрешно да ја претставувате вашата поврзаност со друго лице или субјект;
- да објавувате или пренесувате несоодветна комерцијална порака (spam), вклучувајќи, но не ограничувајќи се на, несакано или неовластено рекламирање, промотивни материјали или информативни известувања;
- да објавувате, менувате или отстранувате оценка или рецензија во замена за некаков вид надомест или стимул;
- да објавувате или поднесувате нечесна, злоупотребувачка, штетна, неточна или злонамерна оцена, рецензија или извештај, или оцена или рецензија што е нерелевантна за Содржините што се прегледуваат;
- да планирате или да се вклучувате во какви било нелегални, измамнички или манипулативни активности.
Л. СЕМЕЈНО СПОДЕЛУВАЊЕ
Организаторот на семејството („Организатор“) мора да биде на возраст од осумнаесет (18) години (или соодветна возраст на полнолетство во нивната матична земја) или постар и родител или законски старател на секој член од семејството којшто има помалку од тринаесет (13) години (или соодветната минимална возраст во нивната матична земја, како што е наведено во процесот на регистрација). Потребни се уреди на Apple за пристап до сите функции од опцијата Family Sharing [Семејно споделување]. Семејното споделување дозволува споделување подобни претплати помеѓу најмногу шест (6) членови на некое семејство. За да дознаете повеќе за семејното споделување посетете: https://support.apple.com/HT201060.
Споделување купување: споделувањето купување преку опцијата „Семејно споделување“ дозволува споделување прифатлива содржина меѓу шест (6) членови на семејството. Организаторот ги кани другите членови да учествуваат и се согласува да плати за сите трансакции иницирани од членовите на семејството. Прифатливите начини на плаќање на организаторот се користат за плаќање на сите трансакции иницирани од страна на член на семејството (освен во случај кога сметката на членот на семејството има поени од лојалност, кои секогаш се користат најпрво). Членовите на семејството делуваат како агенти на организаторот, кога се користат прифатливите начини на плаќање на организаторот. Притоа, организаторот се согласува: (1) да плати за таквите трансакции; (2) со тоа дека трансакциите иницирани од страна на членови на семејството се одобрени; и (3) со тоа за трансакциите да биде наплатено преку прифатливите начини на плаќање, како што е опишано во Дел Б погоре. Организаторите се одговорни за почитување на нивните договори за начинот на плаќање и ги преземаат сите ризици поврзани со споделениот пристап до нивните прифатливи начини на плаќање со членовите на семејството. Потврда или фактура за трансакција на секој член од семејството се испраќа до членот на семејството кој ја иницирал трансакцијата и доколку е наплатено со начинот на плаќање на организаторот, и до организаторот.
Ask to Buy [Прашај пред купување]: Ask to Buy [Прашај пред купување] е функција која му овозможува на организаторот да ги одобри трансакциите иницирани од страна на член од семејството кој има помалку од осумнаесет (18) години (или соодветна возраст на полнолетство во нивната матична земја). Содржините споделени од страна на членови на семејството или стекнати преку кодови за содржини генерално не се предмет на функцијата Ask to Buy [Прашај пред купување]; кодовите на содржините што го олеснуваат пристапот до претплатите се предмет на функцијата Ask to Buy [Прашај пред купување]. Организаторот мора да биде родител или законски старател на секој член од семејството за кого е активирана функцијата Ask to Buy [Прашај пред купување]. Ask to Buy [Прашај пред купување] се вклучува стандардно, за секој член на семејството под тринаесет (13) години (или соодветна минимална возраст во матичната земја) и останува вклучена додека не се деактивира од страна на родител или законски старател. Ако Ask to Buy [Прашај пред купување] се исклучи откако членот на семејството ќе наполни осумнаесет (18) години (или ќе достигне полнолетство во неговата матична земја), не може повеќе да се вклучи. Ask to Buy [Прашај пред купување] не бара вклучување на опцијата Purchase Sharing [Споделување купување].
Промени во членовите на семејството: кога член на семејството го напушта или е отстранет од семејството, останатите членови на семејството повеќе нема да можат да пристапат до содржината на поранешниот член, вклучувајќи ја и содржината стекната со начинот на плаќање на организаторот.
Правила за семејно споделување: може да припаѓате само на едно (1) семејство одеднаш и може да се придружувате кон некое семејство најмногу два пати годишно. Може да ја менувате сметката за Apple преку која сте поврзани со семејството најмногу еднаш на секои деведесет (90) дена. Сите членови на семејството мора да потекнуваат од иста матична земја. Не сите содржини, вклучувајќи ги купувањата во апликации [in-app], претплатите и некои претходно стекнати апликации ги исполнуваат условите за споделување купување. Претплатите споделени од едно семејство може да подлежат на ограничување на користењето на содржината, врз основа на претплата.
Љ. СЕЗОНСКА ПРОПУСНИЦА И ПОВЕЌЕКРАТНА ПРОПУСНИЦА
Пропусницата ви овозможува да купите и добиете телевизиска содржина, штом таа стане достапна. Сезонската пропусница се однесува на телевизиска содржина која има ограничен број епизоди во една сезона; Повеќекратната пропусница се однесува на телевизиска содржина која е достапна на постојана основа. Целокупната цена на сезонската пропусница или на повеќекратната пропусница се наплаќа во моментот на трансакција. Содржината на сезонската пропусница или на повеќекратната пропусница е достапна за преземање до деведесет (90) дена откако последната епизода ќе стане достапна. Ако испорачувачот на содржина му испорача на Apple помалку телевизиски епизоди од планираното во моментот кога сте ја купиле сезонската пропусница, на вашата сметка на Apple ќе ја префрлиме малопродажната вредност на соодветниот број епизоди што не му биле испорачани на Apple.
М. ДОПОЛНИТЕЛНИ ОДРЕДБИ ЗА APP STORE (БЕЗ АПЛИКАЦИИТЕ НА APPLE ARCADE)
ЛИЦЕНЦА ЗА СОДРЖИНАТА НА APP STORE
Лиценците за апликации ви ги обезбедува Apple или пак развивач од трета страна („Испорачувач на апликација“). Apple дејствува како агент за испорачувачите на апликации преку App Store и не претставува страна во купопродажен договор или кориснички договор помеѓу вас и испорачувачот на апликација. Меѓутоа, ако сте клиент на Apple Distribution International Ltd. или Apple Services Pte. Ltd., тогаш евидентираниот трговец е тој субјект, што значи дека ја добивате лиценцата за апликацијата од Apple Distribution International Ltd. или Apple Services Pte. Ltd., како што е применливо, но апликацијата е лиценцирана од страна на нејзиниот испорачувач. Апликација лиценцирана од страна на Apple е „апликација на Apple“, а апликација лиценцирана од страна на испорачувач на апликација е „апликација на трета страна“. Секоја апликација што ја добивате е регулирана со Договор за лиценца на крајниот корисник (EULA) на лиценцираната апликација („Стандарден EULA“) наведен подолу, освен ако Apple или испорачувачот на апликација не обезбедат приоритетен приспособен договор за лиценца („Приспособен EULA“). Подложно на локалниот закон, испорачувачот на апликација на која било апликација од трета страна е единствено одговорен за нејзината содржина, гаранции и цени, како и за сите барања што може да ги имате поврзани со апликацијата на трета страна, освен ако таквото барање директно се однесува на улогата на Apple Distribution International Ltd. како продавач на лиценцата за апликација. Законските барања според локалниот закон против Apple Distribution International Ltd. во својство на продавач, вклучувајќи ја и гаранцијата според законот за продажба, ќе останат непроменети. Потврдувате и се согласувате дека Apple е корисник на трета страна од стандарден EULA или приспособен EULA, применлив за секоја апликација од трета страна, и оттука може да го спроведе таквиот договор. Одредени апликации, како што се налепници и iMessage апликации, може да не се појават на почетниот екран на уредот, но до нив ќе може да се пристапи и истите да се користат преку фиоката на апликацијата за пораки [Messages App].
КУПУВАЊА ВО АПЛИКАЦИЈА [IN-APP]
Апликациите може да нудат содржинa, услуги или функционалности кои може да се користат во рамки на таквите апликации („Купувања во апликација”). Купувањата во апликација кои се користат за време на користењето на апликацијата (на пр.: виртуелни скапоцени камења) не може да се пренесуваат меѓу уредите и може да се преземат само еднаш. Мора да извршите автентикација на вашата сметка пред да купувате во апликација – засебно од секоја автентикација за добивање друга содржина – со внесување на вашата лозинка или користење идентификација на допир [Touch ID] или идентификација на лице [Face ID]. Ќе може да направите дополнителни купувања во апликацијата за период од петнаесет (15) минути без потреба од повторна автентикација, освен ако не сте побарале од нас да бараме лозинка за секое купување или пак ако сте вклучиле идентификација на допир [Touch ID] или идентификација на лице [Face ID]. Може да ја исклучите можноста за купување во апликација, следејќи ги овие упатства: https://support.apple.com/HT201304.
ПАКЕТИ АПЛИКАЦИИ [APP BUNDLES]
Некои апликации може да се продаваат заедно, како пакет („Пакет апликации“). Цената што е прикажана со пакетот апликации е цената која ќе ви биде наплатена при купувањето на пакетот апликации. Цената на пакетот апликации може да се намали за износот на апликациите што веќе сте ги купиле или стекнале, но може да вклучува и минимален износ за комплетирање на пакетот апликации.
РЕЗУЛТАТИ ОД ПРЕБАРУВАЊЕ И РАНГИРАЊА
Кога се утврдува како да се подредат апликациите во резултатите од пребарување, главните параметри што се земаат предвид се метаподатоците обезбедени од испорачувачите на апликациите, потоа интеракцијата на клиентите со апликациите и App Store и популарноста на апликациите во App Store. Овие главни параметри даваат најрелевантни резултати за барањата за пребарување на клиентите.
ДОГОВОР ЗА ЛИЦЕНЦА НА КРАЈНИОТ КОРИСНИК НА ЛИЦЕНЦИРАНА АПЛИКАЦИЈА
Апликациите што се достапни преку App Store се лиценцирани од страна на испорачувачот на апликации, а не ви се продаваат. Вашата лиценца за секоја апликација е предмет на ваше претходно прифаќање или на Договор за лиценца на крајниот корисник на лиценцирана апликација („Стандарден EULA“) или на приспособен договор за лиценца на крајниот корисник помеѓу вас и испорачувачот на апликацијата („Приспособен EULA“), ако е достапен. Вашата лиценца за која било апликација на Apple, според овој стандарден EULA или приспособен EULA, е доделена од страна на Apple, а вашата лиценца за која било апликација од трета страна според овој стандарден EULA или приспособен EULA е доделена од страна на испорачувачот на таа апликација од трета страна. Секоја апликација што е предмет на овој стандарден EULA овде се нарекува „Лиценцирана апликација“. Испорачувачот на апликација или Apple, како што е применливо, („Давател на лиценца“) ги задржува сите права во и поврзано со лиценцираната апликација, коишто не ви се изречно дадени според овој стандарден EULA.
а. Опсег на лиценца: давателот на лиценцата ви одобрува непренослива лиценца за користење на лиценцираната апликација за кои било производи од марката на Apple, што ги поседувате или контролирате и како што е дозволено според Правилата за користење. Условите од овој стандарден EULA ги регулираат сите содржини, материјали или услуги достапни од или купени во рамки на лиценцираната апликација, како и надградбите обезбедени од давателот на лиценцата, кои ја заменуваат или дополнуваат оригиналната лиценцирана апликација, освен ако таквите надградби се придружени со приспособен EULA. Не смеете да ја дистрибуирате или на поинаков начин да ја правите достапна лиценцираната апликација преку мрежа, каде би била користена од повеќе уреди во исто време, освен ако тоа не е наведено во Правилата за користење. Не смеете да ја пренесувате, редистрибуирате или да ја подлиценцирате лиценцираната апликација, освен ако тоа не е изречно наведено во овој договор и, доколку го продавате вашиот Apple-уред на трета страна, должни сте да ја отстраните лиценцираната апликација од уредот на Apple пред да го направите тоа. Не смеете да ја копирате (освен ако тоа е дозволено со оваа лиценца и Правилата за користење), да применувате обратен инженеринг врз неа, да ја расклопувате на компоненти, да се обидувате да го изведете изворниот код, да ја менувате или да создавате изведени дела од лиценцираната апликација, нејзините ажурирања или кои било делови од истата (освен ако, и само до тој степен до кој претходно наведено ограничување е забрането со важечки закон или до тој степен до кој може да биде дозволено со условите на лиценцата за управување со користењето на кои било компоненти со отворен код, вклучени со лиценцираната апликација).
б. Согласност за користење податоци: се согласувате давателот на лиценцата да може да ги собира и користи техничките податоци и поврзаните информации – вклучувајќи ги, но не ограничувајќи се на, техничките информации за вашиот уред, систем и софтвер на апликации, како и за периферните компоненти – кои периодично се собираат за да го олеснат обезбедувањето ажурирања на софтверот, поддршка на производот и други услуги за вас (доколку има такви) поврзани со лиценцираната апликација. Давателот на лиценцата може да ги користи овие информации сѐ додека тие се во форма која не ве идентификува вас лично, со цел да ги подобри своите производи или да обезбеди услуги или технологии за вас.
в. Престанок. Овој стандарден EULA е важечки сѐ додека не биде прекинат од ваша страна или од страна на давателот на лиценцата. Вашите права, согласно овој стандарден EULA, автоматски ќе прекинат да важат, доколку не почитувате некоја од неговите одредби.
г. Надворешни услуги. Лиценцираната апликација може да ви овозможи пристап до услугите и веб-страниците на давателот на лиценцата и/или на трета страна (колективно и поединечно, „Надворешни услуги“). Се согласувате да ги користите надворешните услуги на свој сопствен ризик. Давателот на лиценцата не е одговорен за испитување или оценување на содржината или точноста на која било надворешна услуга од трета страна и нема да сноси одговорност за каква било надворешна услуга од трета страна. Податоците прикажани од која било лиценцирана апликација или надворешна услуга, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на, финансиските, медицинските и информациите за локацијата, се само за општи информативни цели и не се гарантирани од страна на давателот на лиценцата или неговите агенти. Нема да ги користите надворешните услуги на начин кој не е во согласност со условите од овој стандарден EULA или кој ги крши правата на интелектуална сопственост на давателот на лиценцата или на која било трета страна. Се согласувате да не ги користите надворешните услуги за вознемирување, злоупотреба, тајно следење, закана или клеветење на некое лице или субјект и дека давателот на лиценцата нема да биде одговорен за таквата употреба. Надворешните услуги може да не бидат достапни на сите јазици или во вашата матична земја и може да не бидат соодветни или достапни за користење на одредена локација. Во случај да одлучите да ги користите ваквите надворешни услуги, вие самите сте одговорни за почитувањето на сите важечки закони. Давателот на лиценцата го задржува правото да ги измени, укине, отстрани, исклучи или да наметне ограничувања за пристап или ограничувања на кои било надворешни услуги, во секое време, без претходно известување или одговорност кон вас.
д. ГАРАНЦИЈА: давателот на лиценцата ќе употреби разумна грижа и вештина во однос на обезбедувањето лиценцирана апликација и кои било надворешни услуги, извршени или обезбедени со лиценцираната апликација. Според националното законодавство, може да имате законска гаранција за усогласеност на купените лиценцирани апликации со минимално времетраење од две (2) години, а за претплати во апликации, за време на договорниот период на набавка. Давателот на лиценцата не дава други ветувања или гаранции за надворешните услуги, а особено не гарантира дека:
(i) вашата употреба на надворешните услуги ќе биде без прекини или без грешки;
(ii) надворешните услуги ќе бидат без загуби, вмешување, напади, вируси, пречки, хакирање или други безбедносни упади и давателот на лиценца отфрла каква било одговорност во врска со истото. Вие сте одговорни за правење резервна копија на вашиот личен систем, вклучително и на секоја лиценцирана апликација што е зачувана на вашиот систем.
ѓ. Ограничување на одговорноста.
(i) Освен ако не е утврдено во Дел (ii) подолу, во никој случај Давателот на лиценцата, неговите директори, службеници, вработени, соработници, агенти, изведувачи или даватели на лиценци не се одговорни за каква било загуба или штета предизвикана од Давателот на лиценца, неговите вработени или агентите кога:
(1) не постои кршење на законската должност за грижа која ви ја должи давателот на лиценцата или неговите вработени или агенти;
(2) не е разумно предвидлив резултат од какво било кршење;
(3) секое зголемување на загубата или оштетувањето произлегува од кршење, од ваша страна, на некој услов од Договорот за лиценца на крајниот корисник („Договор“);
(4) од одлуката на давателот на лиценцата произлегува да ве предупреди, да го укине или да го прекине вашиот пристап до надворешните услуги или да преземе какви било други дејствија за време на истрагата за сомнение за кршење или како резултат на заклучокот на давателот на лиценцата дека се случило кршење на овој договор;
(5) се однесува на загуба на приход, деловна активност или заработка, или загуба или злоупотреба на податоци во врска со вашето користење на лиценцираната апликација.
(ii) Ништо во овој договор не ја брише или ограничува одговорноста на давателот на лиценцата за измама, груба небрежност, намерна злоупотреба или за смрт или лична повреда, предизвикана од негова небрежност.
е. Не смеете да ја користите или на друг начин да ја извезувате или одново да ја извезувате лиценцираната апликација, освен ако тоа е дозволено со законодавството на Соединетите Американски Држави и законодавствата на правните системи во кои била добиена лиценцираната апликација. Особено, но без ограничување, лиценцираната апликација не смее да се извезува или одново да се извезува (а) во држави кои се под ембарго на САД или (б) на кое било лице што е на Списокот на посебно одредени државјани на ресорот за државна благајна на САД (U.S. Treasury Department’s Specially Designated Nationals) или на Списокот на одбиени физички или правни лица на ресорот за трговија на САД (U.S. Department of Commerce Denied Person’s List or Entity List). Со користењето на лиценцираната апликација или услугата, потврдувате и гарантирате дека не се наоѓате во ниедна таква земја или на ниеден таков список. Исто така, се согласувате дека нема да ги користите овие производи за никакви цели кои се забранети со законите на САД, вклучително, но без ограничување, за развивање, дизајнирање, изработка или производство на проектили, нуклеарно, хемиско или биолошко оружје.
ж. Крајни корисници на Владата на САД. Лиценцираната апликација и поврзаната документација претставуваат „Комерцијални елементи“, како што овој термин е дефиниран во 48 од Кодексот за сојузни регулативи (C.F.R) чл. 2.101, кој се состои од „Комерцијален компјутерски софтвер“ и „Документација за комерцијален компјутерски софтвер“, изрази коишто се користат во 48 C.F.R. чл. 12.212 или 48 C.F.R. чл. 227.7202, како што е применливо. Согласно 48 C.F.R. чл. 12.212 или 48 C.F.R. чл. 227.7202-1 преку 227.7202-4, како што е применливо, комерцијалниот компјутерски софтвер и документацијата за комерцијалниот компјутерски софтвер се лиценцираат на крајни корисници од Владата на САД (a) само како комерцијални елементи и (б) само со оние права коишто им се даваат на сите други крајни корисници, согласно правилата и условите од овој документ. Необјавените права се задржани согласно законите за авторски права на САД.
з. Освен до степенот што е изречно наведен во следниот пасус, за овој договор и односот меѓу вас и Apple ќе важат законите на државата Калифорнија, исклучувајќи ги нејзините одредби за конфликти на законите. Вие и Apple се согласувате да ја прифатите личната и ексклузивна надлежност на судовите што се наоѓаат во округот Санта Клара, Калифорнија, за разрешување какви било спорови или побарувања што произлегуваат од овој договор. Доколку (а) не сте граѓанин на САД; (б) не живеете во САД; (в) не пристапувате до услугата од САД; и (г) сте граѓанин на една од државите наведени подолу, со ова се согласувате дека за каков било спор или побарување што произлегуваат од овој договор ќе важи важечкиот закон наведен подолу, без оглед на одредбите за конфликт на законите и неотповикливо се согласувате да ја прифатите неексклузивната надлежност на судовите што се наоѓаат во државата, подрачјето или земјата наведена подолу, чиишто закони се надлежни:
Ако сте жител на држава од Европската Унија или на Обединетото Кралство, Швајцарија, Норвешка или Исланд, надлежни судови и закони ќе бидат судовите и законите на вашето вообичаено место на живеење.
Законот што е конкретно исклучен од примена во овој договор е познат како Конвенција на Обединетите Нации за меѓународна продажба на стоки.
Н. ДОПОЛНИТЕЛНИ ОДРЕДБИ ЗА APP STORE, APPLE BOOKS, APPLE PODCASTS И ИЗБРАНИ СОДРЖИНИ
Некоја содржина, која е достапна во Apple Books, Apple Podcasts и App Store (вклучувајќи и претплати на Apple Podcasts) ја добивате од трети лица кои се испорачувачи на ваква содржина (како што е прикажано на страницата за производи и/или за време на процесот на добивање на соодветната содржина), а не од Apple. Во тој случај, Apple делува како агент за испорачувачот на содржина при обезбедувањето на содржината за вас и оттука Apple не е страна во трансакцијата помеѓу вас и испорачувачот на содржина. Сепак, ако сте клиент на Apple Distribution International Ltd. или Apple Services Pte. Ltd, тогаш тој субјект е евидентираниот трговец за содржината која сте ја добиле, но таквата содржина е лиценцирана од страна на нејзиниот испорачувач. Испорачувачот на содржината го задржува правото да ги спроведе условите за користење коишто се однесуваат на таквата содржина. Подложно на локалниот закон, испорачувачот на содржина е единствено одговорен за таквата содржина, сите гаранции до степен до кој таквите гаранции не се отфрлени и сите барања што вие или која било друга страна може да ги имате во врска со таквата содржина, освен ако таквото тврдење директно се однесува на улогата на Apple Distribution International Ltd. како продавач на содржината. Законските барања според локалниот закон против Apple Distribution International Ltd. во својство на продавач, вклучувајќи ја и гаранцијата според законот за продажба, ќе останат непроменети.
Кога се утврдува како да се подредат резултатите од пребарување App Store, Apple Books и Apple Podcasts, главните параметри што се земаат предвид се метаподатоците обезбедени од испорачувачите на апликациите и интеракцијата на клиентите со содржината.
Њ. ДОПОЛНИТЕЛНИ ОДРЕДБИ ЗА APPLE MUSIC
iCloud Music Library е функција на Apple Music која ви овозможува пристап до вашите усогласени или преземени песни, списоци за репродукција и музички видеа стекнати од Apple Music, iTunes Store или некој друг извор („Содржина на iCloud Music Library“) на вашите уреди на коишто е вклучена Apple Music. iCloud Music Library автоматски се вклучува кога ќе го поставите вашето членство во Apple Music. iCloud Music Library собира информации во врска со вашата содржина на iCloud Music Library. Овие информации се поврзани со вашата сметка за Apple и се споредуваат со содржината на iCloud Music Library, моментално достапна на Apple Music. Содржината на iCloud Music Library која не е усогласена се прикачува на серверите на Apple iCloud Music Library (во формат одреден од страна на Apple). Може да поставите до сто илјади (100.000) песни. Песните стекнати од iTunes Store не се вбројуваат во ова ограничување. Песните кои не исполнуваат одредени критериуми (на пр.: премногу големите датотеки) или што не се одобрени за вашиот уред, не се подобни за iCloud Music Library. Кога користите iCloud Music Library, Apple ги евидентира информациите кои се однесуваат на песните коишто ги репродуцирате, стопирате или прескокнувате, уредите што ги користите и времето и траењето на репродукцијата. Се согласувате да користите iCloud Music Library само за законски стекнати содржини. iCloud Music Library се обезбедува на основа „КАКВА ШТО Е“ и може да содржи грешки или недоследности. Треба да направите резервна копија на вашите податоци и информации пред користењето iCloud Music Library. Ако не сте член на Apple Music, може да купите претплата на iTunes Match, што користи iCloud Music Library. Кога ќе заврши вашето членство во Apple Music ќе го изгубите пристапот до вашата iCloud Music Library, вклучувајќи ја и содржината на iCloud Music Library која е поставена на серверите на iCloud Music Library.
О. ДОПОЛНИТЕЛНИ ОДРЕДБИ ЗА APPLE FITNESS+
Apple Fitness+ е само за забава и/или за информативни цели и не е наменета да обезбедува медицински совет.
П. ЧЛЕНСТВО ВО ДИСТРИБУТЕР
Каде што е достапно, може да ви биде понудено да купите членство за услуга од дистрибутер, како што е безжичен оператор („Членство во дистрибутер“). Ако купите членство во дистрибутер, вашиот дистрибутер е евидентираниот трговец, што значи дека лиценцата за услугата ја добивате од тој дистрибутер, што ќе ви наплати за трошоците за вашето членство во услугата, но услугата е лиценцирана и ја обезбедува Apple. Вашиот куповен однос со дистрибутерот е регулиран со правилата и условите на дистрибутерот, а не со овој Договор и сите спорови за наплата поврзани со членството во дистрибутерот мора да бидат насочени до вашиот дистрибутер, а не до Apple. Со користењето услуга преку членство во дистрибутер, се согласувате со тоа дека дистрибутерот може да ги размени вашите информации за сметката, телефонскиот број и информациите за претплатата на дистрибутерот со Apple и дека Apple може да ги користи овие информации за да го одреди статусот на вашето членство во дистрибутерот.
Р. РАЗНИ ОДРЕДБИ ПРИМЕНЛИВИ ЗА СИТЕ УСЛУГИ
ДЕФИНИЦИЈА НА APPLE
Зависно од вашата земја на живеење, „Apple“ значи:
Apple Inc., со седиште на One Apple Park Way, Cupertino, California, за корисници во САД, вклучително и Порторико;
Apple Canada Inc., со седиште на 120 Bremner Blvd., Suite 1600, Toronto ON M5J 0A8, Canada за корисници во Канада;
Apple Services LATAM LLC, лоцирана на 2811 Ponce de Leon Boulevard, Floor 12, Coral Gables, Florida, за корисници во Мексико, Централна или Јужна Америка или која било карипска земја или територија (со исклучок на Порторико);
Apple Services Pte. Ltd., лоцирана на 7 Ang Mo Kio Street 64, Singapore 569086, за корисници во Бутан, Брунеј, Камбоџа, Фиџи, Лаос, Макао, Малдиви, Микронезија, Монголија, Мјанмар, Науру, Непал, Палау, Папуа Нова Гвинеја, Јужна Кореја, Соломоновите Острови, Шри Ланка, Тонга и Вануату;
iTunes K.K., со седиште на Roppongi Hills, 6-10-1 Roppongi, Minato-ku, Tokyo 106-6140, Tokyo за корисници во Јапонија;
Apple Pty Limited, со седиште на Level 3, 20 Martin Place, Sydney NSW 2000, Australia, за корисници во Австралија или Нов Зеланд, вклучувајќи ги и сите нивни територии или јурисдикциите во нивна сопственост; и
Apple Distribution International Ltd., со седиште на Hollyhill Industrial Estate, Hollyhill, Cork, Republic of Ireland, за сите други корисници.
ПРОМЕНИ НА ДОГОВОРОТ
Apple го задржува правото да го измени овој Договор и да додаде нови или дополнителни одредби или услови, кои може да бидат неопходни доколку, на пример, Apple додаде нова услуга или додаде, прошири и/или измени функции и функционалности на некоја Услуга, или доколку се променат важечките закони и/или практики. Apple, исто така, може да го измени овој Договор за да ја подобри читливоста или да ги ажурира информациите за контакт. Таквите измени и дополнителни одредби и услови ќе ви бидат соопштени и, ако се прифатат, ќе стапат на сила веднаш и ќе се вклучат во овој договор. Во случај да одбиете да ги прифатите таквите промени, нема да можете да правите идни купувања поврзани со какви било услуги или Содржини регулирани со овој Договор. Во секој случај, содржините што веќе сте ги купиле и презеле, како и која било претплата на Apple, нема да бидат засегнати од вашето одбивање да ги прифатите таквите промени.
МАТЕРИЈАЛИ ОД ТРЕТИ СТРАНИ
Apple не е одговорен за материјалите од трети страни вклучени во или поврзани со содржините или услугите.
БЕЗБЕДНОСТ НА КОРИСНИЦИТЕ
Секогаш треба да барате совет од соодветно квалификувано медицинско лице во врска со (а) безбедноста и препорачливоста на која било дадена активност или (б) која било специфична медицинска состојба или симптоми.
ИНТЕЛЕКТУАЛНА СОПСТВЕНОСТ
Се согласувате дека услугите, вклучувајќи ги, но не ограничувајќи се на содржините, графиките, корисничкиот интерфејс, аудиоснимките, видеоснимките, уредувачката содржина и скриптите и софтверот користени за имплементирање на услугите, содржат сопственички информации и материјали што се во сопственост на Apple, неговите даватели на лиценци и/или испорачувачи на содржина и се заштитени со важечки закони за интелектуална сопственост и други закони, вклучувајќи ги, но не ограничувајќи се на авторски права. Се согласувате дека нема да ги користите таквите сопственички информации или материјали на каков било начин освен за употреба на услугите за лични, некомерцијални потреби, а во согласност со овој договор. Ниту еден дел од содржината или услугите не смее да биде пренесуван или репродуциран во која било форма или преку какви било средства, освен онака како што е изречно дозволено со овој договор. Се согласувате дека нема да ги менувате, изнајмувате, позајмувате, продавате, споделувате или дистрибуирате услугите или содржините на кој било начин и дека нема да ги искористувате услугите на начин за кој не сте изречно овластени.
Името на Apple, логото на Apple, iTunes, iTunes Store, App Store, Apple Books, Apple Music, Apple TV, Apple TV+, Apple Arcade, Apple News, Apple News+, Apple One, Apple Podcasts, Apple Fitness+ и други Apple трговски марки, ознаки на услуги, графики и логоа, користени во врска со услугите, се трговски марки или регистрирани трговски марки на Apple во САД и други земји низ светот. Немате никакво право или лиценца во однос на која било од наведените трговски марки.
АВТОРСКИ ПРАВА
Освен ако не е поинаку наведено, услугите и содржините обезбедени од Apple се авторски права на © Apple Inc. и неговите подружници.
Ако верувате дека кои било содржини достапни преку услугите ги прекршуваат авторските права кои ги барате, контактирајте со Apple на https://www.apple.com/legal/internet-services/itunes/itunesstorenotices. Ова е најбрзиот начин за нас да го обработиме вашето известување за поднесено барање за прекршени права. Побавниот начин за да контактирате со наш назначен агент и за обработка на вашето известување е да испратите соодветно и целосно известување за поднесеното барање за прекршени права на поштенската адреса наведена подолу.
Apple Inc.
Attn: Copyright Agent
One Apple Park Way
MS: 1IPL
Cupertino, CA 95014
Телефон: 408.996.1010
Е-пошта: copyrightnotices@apple.com
Apple има усвоена политика за исклучување и/или укинување на сметките на корисници во соодветни околности, кои повеќепати ги прекршиле или за кои повеќепати се тврдело дека ги прекршиле авторските права на други лица. Како дел од спроведувањето на таквата политика, Apple може, по сопствена процена, да ги откаже, исклучи и/или укине сметките на корисниците кои се препознаени како корисници кои постојано се впуштаат во активности на кршење права или поради други поврзани причини.
ОДРЕКУВАЊА ОД ГАРАНЦИИ; ОГРАНИЧУВАЊА НА ОДГОВОРНОСТА
a. Apple ќе обезбеди разумна грижа и вештина за услугите. Според националното законодавство, може да имате законска гаранција за усогласеност на купената содржина со минимално времетраење од две години, а за претплати за содржини за време на договорниот период на набавка. Apple не дава други ветувања или гаранции за услугите, а особено не гарантира дека надвор од законската гаранција:
(i) вашата употреба на услугата ќе биде без прекини или без грешки; Се согласувате дека од време на време Apple може, поради технички или оперативни причини, да ја отстрани услугата на неодредено време или да ги откаже услугите во кое било време и, до степен до кој е можно, да ве извести за тоа. Ако Apple прекине некоја услуга што е претплата за која веќе сте платиле, Apple ќе ви обезбеди поврат на средствата. Ако Apple прекине услуга која не е претплата, тоа нема да влијае врз содржината што веќе сте ја стекнале и презеле;
(ii) услугите ќе бидат без загуби, вмешување, напади, вируси, пречки, хакирање или други безбедносни упади настанати врз основа на „виша сила“ и Apple отфрла каква било одговорност во врска со истото. Вие сте одговорни за правење резервна копија на вашиот систем, вклучувајќи ги сите купени или стекнати содржини од услугата.
б. СЕ СОГЛАСУВАТЕ ДЕКА, ОСВЕН АКО НЕ СЕ БАРА СО ВАЖЕЧКИОТ ЗАКОН, APPLE НЕМА НИКАКВА ОДГОВОРНОСТ ДА ПРОДОЛЖИ ДА ВИ ЈА СТАВА НА РАСПОЛАГАЊЕ СОДРЖИНАТА ПРЕКУ НАШИТЕ УСЛУГИ, И APPLE НЕМА ДА СНОСИ ОДГОВОРНОСТ КОН ВАС АКО СОДРЖИНАТА, ВКЛУЧУВАЈЌИ ЈА И КУПЕНАТА СОДРЖИНА, СТАНЕ НЕДОСТАПНА ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ, ОДНОВО ПРЕЗЕМАЊЕ ИЛИ ПРЕНОС НА ПОДАТОЦИ.
в. Освен ако не е утврдено во (д) подолу или во случај ако користите какво било применливо законско право за поврат или надомест, во никој случај Apple, неговите директори, службеници, вработени, соработници, агенти, изведувачи или даватели на лиценци не се одговорни за каква било загуба или штета предизвикана од Apple, неговите вработени или агентите кога:
(i) не постои кршење на законската должност за грижа која ви ја должи Apple или неговите вработени или агенти;
(ii) тоа не е разумно предвидлив резултат, во времето на склучувањето на Договорот, на какво било такво прекршување од страна на Apple;
(iii) секое зголемување на загубата или оштетувањето произлегува од кршење, од ваша страна, на некој услов од овој договор;
(iv) тоа произлегува од одлуката на Apple да го отстрани или одбие пристапот до која било информација или содржини, да го суспендира вашиот пристап до Услугата или да преземе какво било друго дејство за време на некоја истрага за сомневање за прекршување на Договорот од ваша страна;
(v) тоа произлегува од одлуката на Apple да го отстрани или одбие пристапот до каква било информација или содржина, да го прекине вашиот пристап до Услугата или да преземе какво било друго дејство како резултат на прекршување на Договорот од ваша страна, во условите предвидени во делот „ПРЕКИН И СУСПЕНЗИЈА НА УСЛУГИ“; или
(vi) тоа се однесува на загуба на приход, бизнис или профит во врска со вашето користење на Услугите или каква било загуба на податоци или расипување на податоци што би произлегло од небрежност во вашето користење на Услугите.
г. Apple ќе вложи разумни напори за да ги заштити информациите доставени од вас во врска со услугите, вклучително и од лажна употреба.
д. Ништо во овој договор не ја брише или ограничува одговорноста на Apple за измама, груба небрежност, намерна злоупотреба или за смрт или лична повреда.
ѓ. Ако го прекршите овој договор, ќе одговарате пред Apple, неговите директори, службеници, вработени, соработници, агенти, изведувачи и даватели на лиценци за сите барања кои произлегуваат од вашето кршење. Исто така ќе бидете одговорни за какви било дејствија преземени од страна на Apple како дел од истрага поради сомневање за прекршување на овој договор или како резултат на неговите откритија или одлука дека се случила повреда на овој договор.
е. APPLE НЕ Е ОДГОВОРЕН ЗА ТРОШОЦИТЕ ЗА ПОДАТОЦИ ШТО МОЖЕ ДА НАСТАНАТ ВО ВРСКА СО ВАШЕТО КОРИСТЕЊЕ НА УСЛУГИТЕ.
СТАТУТАРНИ ИСКЛУЧОЦИ ЗА ЈАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ
Ако сте квалификувана јавна образовна или владина институција и ако кој било дел од овој договор, како што е на пр., целиот или дел од делот за обесштетување, е неважечки или неприменлив за вас поради важечките локални, национални, државни или сојузни закони, тогаш тој дел ќе се смета за неважечки или неприменлив, во зависност од случајот, и наместо тоа ќе се толкува на начин што е најсоодветен за важечкото законодавство.
ПРИМЕНЛИВО ПРАВО
Освен до степенот што е изречно наведен во следниот пасус или до степен кој е потребен согласно применливото право, за овој договор и односот меѓу вас и Apple и сите трансакции за услуги ќе важат законите на државата Калифорнија, исклучувајќи ги нејзините одредби за конфликти на законите. Вие и Apple се согласувате да ја прифатите личната и ексклузивна надлежност на судовите што се наоѓаат во округот Санта Клара, Калифорнија, за разрешување какви било спорови или побарувања што произлегуваат од овој договор. Доколку (а) не сте граѓанин на САД; (б) не живеете во САД; (в) не пристапувате до услугата од САД; и (г) сте граѓанин на една од државите наведени подолу, со ова се согласувате дека за каков било спор или побарување што произлегуваат од овој договор ќе важи важечкиот закон наведен подолу, без оглед на одредбите за конфликт на законите и неотповикливо се согласувате да ја прифатите неексклузивната надлежност на судовите што се наоѓаат во државата, подрачјето или земјата наведена подолу, чиишто закони се надлежни:
Ако сте жител на држава од Европската Унија или на Обединетото Кралство, Швајцарија, Норвешка или Исланд, надлежни судови и закони ќе бидат судовите и законите на вашето вообичаено место на живеење.
Законот што е конкретно исклучен од примена во овој договор е познат како Конвенција на Обединетите Нации за меѓународна продажба на стоки.
ДРУГИ ОДРЕДБИ
Овој договор го претставува целиот договор помеѓу вас и Apple и управува со вашето користење на услугите и го поништува постоењето на сите претходни договори за истото прашање од интерес помеѓу вас и Apple. Исто така, може да бидете предмет на дополнителни одредби и услови што можат да се применуваат кога правите трансакции или користите придружни услуги, содржини од трети страни, софтвер од трети страни или дополнителни услуги, како што е Volume Purchase Program [Програмата за количинско купување]. Доколку некој дел од овој договор се смета за неважечки или неприменлив, тој дел ќе се толкува на начин што е конзистентен со важечките закони за да ги одрази, колку што е можно поблиску, првобитните заемни намери на страните, а останатите делови ќе продолжат целосно да важат. Доколку Apple не спроведе некое право или одредба во овој договор, тоа нема да се смета за одрекување од таквата одредба или друга одредба. Apple нема да биде одговорен за неуспехот да исполни која било од своите обврски, што може да ви се припише или вам, или на трета страна, или во случај на настан на виша сила.
Се согласувате дека ќе ги почитувате сите локални, државни, сојузни и национални закони, статути, прописи и регулативи што важат за вашето користење на услугите. Вашето користење на услугите, исто така, може да биде предмет и на други закони. Ризикот од загуба на сите електронски доставени трансакции се префрла на стекнувачот по електронскиот пренос до примачот. Ниеден вработен или агент на Apple нема овластување да го менува овој договор.
Apple може да ви испрати известување во врска со услугите со испраќање на е-порака на вашата електронска адреса или со писмо испратено преку пошта на вашата поштенска адреса или преку објава во услугите. Известувањата стапуваат во сила веднаш. Apple исто така може да ве контактира преку е-пошта или скокачко („push“) известување за да ви испрати дополнителни информации во врска со услугите.
Алтернативно решавање спорови. Apple не е обврзан да учествува во, и нема намера да учествува во, кој било алтернативен процес за решавање спорови. Во случај да имате проблем, контактирајте со поддршката на Apple https://support.apple.com/contact.
Со овој документ му давате право на Apple да презема мерки што смета дека се разумно потребни или соодветни за да ја спроведе и/или провери усогласеноста со кој било дел од овој договор. Вие се согласувате дека Apple има право, без одговорност кон вас, да открие какви било податоци и/или информации на органите за спроведување на законот, владините претставници, администрациите, судовите и/или на трета страна, како што Apple верува дека е разумно потребно или соодветно за спроведување и/или потврдување на усогласеноста со кој било дел од овој Договор. Ова право вклучува, без ограничување на правото на Apple да соработува со кој било правен процес поврзан со вашето користење на услугите и/или содржините, и/или тврдење на трета страна дека вашето користење на услугите и/или содржините е незаконско и/или ги нарушува правата на таквата трета страна).
Последно ажурирано: 15 септември 2025 година