Семејно откривање на приватноста за деца

Заштитувањето на децата е важен приоритет за сите во Apple. Веруваме во транспарентност и давање информации на родителите што им се потребни да одлучат што е најдобро за нивното дете. Напорно работиме за да им понудиме контроли на родителите што се интуитивни и приспособливи. Со креирање на сметка за Apple за вашето дете, му овозможувате да ги користи функциите на Семејно споделување со вас и другите членови на семејството. Вашето дете ќе може да споделува музика, филмови, ТВ-серии, книги, апликации, фотографии, календари, локација и друго со вас и вашето семејство. Ќе може да има и сопствено персонализирано искуство со сметката за Apple користејќи ги сите услуги и содржини достапни за сопственик на сметка за Apple.

ИМАЈТЕ ПРЕДВИД: ОВА ОТКРИВАЊЕ НЕ СЕ ОДНЕСУВА НА ПРАКТИКИТЕ ЗА СОБИРАЊЕ ПОДАТОЦИ ОД ТРЕТИ СТРАНИ, ВКЛУЧУВАЈЌИ ГИ И РАЗВИВАЧИТЕ НА АПЛИКАЦИИ ОД ТРЕТИ СТРАНИ. ПРЕД ВАШЕТО ДЕТЕ ДА КУПИ ИЛИ ПРЕЗЕМЕ АПЛИКАЦИИ ОД ТРЕТИ СТРАНИ, ТРЕБА ДА ГИ ПРЕГЛЕДАТЕ УСЛОВИТЕ, ПОЛИТИКИТЕ И ПРАКТИКИТЕ НА ТАКВИТЕ АПЛИКАЦИИ ОД ТРЕТИ СТРАНИ ЗА ДА РАЗБЕРЕТЕ КАКВИ ПОДАТОЦИ МОЖЕ ТИЕ ДА СОБИРААТ ОД ВАШЕТО ДЕТЕ И КАКО ТИЕ ПОДАТОЦИ МОЖЕ ДА СЕ КОРИСТАТ.

Сметка за Apple на вашето дете

Со сметката за Apple што ќе ја креирате за вашето дете, тоа ќе биде во можност да ги искористи сите предности на функциите и услугите на Apple што користат сметка за Apple. На пример, детето ќе може:

  • Да прави и прима видео и видеоповици на FaceTime.
  • Да креира и споделува содржини како што се фотографии, видеа, аудио пораки, белешки, документи, линкови, табли и текстови користејќи апликации на Apple како што се Camera, Photos, Messages, Freeform и Mail.
  • Да креира, споделува и соработува на содржини како што се документи, датотеки, табли, албуми со фотографии, календари, презентации и листи со задачи со други луѓе преку споделување преку iCloud. На пример, споделените календари ви овозможуваат вам и на вашето дете да ги споделувате минатите и идните закажани настани со другите членови од вашето семејство. Зависно од избраните поставки, ова може да ги вклучува името на вашето дете и информациите за контакт ако се дадени.
  • Да ја споделува својата локација со членови на семејството и пријатели со Најди го мојот, Пораки и други апликации што користат Услуги за локација и да ја користи Најди го мојот за да најде поддржани уреди и додатоци. Ако ја споделите прецизната локација на вашето дете со семејството кога ја создавате сметката за Apple на детето или го поставувате Apple Watch на вашето дете со помош на Apple Watch за вашите деца, прецизната локација на детето ќе се сподели со членовите на семејството, вклучувајќи ги новите членови додадени подоцна. Вашето дете може да ги промени поставките за споделување локација освен ако тоа не е ограничено во Времето на екранот или Семејното споделување.
  • Да пристапува, проследува и презема содржини и претплати што ги купиле другите членови на семејството, вклучувајќи музика, филмови, ТВ-серии, поткасти, апликации и купувања преку апликации, книги, Apple Arcade, Apple Music, Apple News+ и Apple TV.
  • Да купува и презема бесплатни содржини во Apple Music, App Store, Apple Books и апликацијата Apple TV; да купува преку апликации; и да се претплати на услуги како што се Apple Arcade, Apple Creator Studio, Apple News+, Apple TV и Apple Music, од кои сите се предмет на поставките во Прашај за да купиш што ќе ги поставите.
  • Да добива препораки во Apple Music и апликацијата Apple TV.
  • Да пренесува музика и плејлисти од други музички сервиси на Apple Music.
  • Да игра игри и да комуницира со други корисници со помош на Game Center и апликацијата Apple Games и да споделува информации со други, вклучително прекарот, аватарот и пријателите на детето на Game Center.
  • Да плаќа и прима плаќања со услугите на Apple Pay, како Apple Cash ако ја поставите неговата сметка и да чува и да користи пропусници како билети и бординг карти во апликацијата Wallet.
  • Да следи и споделува здравствени информации, како што се отчукувањата на срцето, крвниот притисок или исхраната и податоци за фитнес и активност. Доколку вашето дете користи Apple Watch, ќе може да избере да ги споделува своите податоци за вежбање и активност со други корисници на Apple Watch преку Споделување на активност, вклучувајќи детали како што се чекорите и растојанието поминати во еден ден. Доколку вашето дете ја користи апликацијата Health, исто така може да започне со споделување определени здравствени информации со други корисници на апликацијата Health во своите Контакти преку Health Sharing, вклучувајќи и поткомплет од нивната историја на здравствени податоци и идни ажурирања што се однесуваат на податоците што ги споделува вашето дете. Вашето дете сѐ уште ќе може да одржува однос на споделување со друг корисник на апликацијата Health откако тој корисник е избришан од неговите Контакти.
  • Ако вашето дете има сметка во здравствена организација која учествува и е регистрирана во функцијата „Сподели со давателот" во апликацијата Health, може да споделува одредени категории здравствени податоци, како што се активност, срцева фреквенција и лабораториски резултати, од својот iPhone или iPad со својот давател на здравствени услуги. За да го сторат тоа, мора да се најават користејќи ги податоците за својата сметка. Apple и уредот на вашето дете не складираат и немаат пристап до овие податоци. Вашето дете има целосна контрола врз своите податоци и може да промени што споделува или целосно да престане да ги споделува во секое време.
  • Да чува слики, видеа, документи, табли, белешки, контакти, календари, пошта, резервни копии и други податоци од апликации, вклучувајќи активност од играње игри во Apple Arcade, во iCloud и да користи функции на iCloud+ како што е Apple Invites.
  • Да контактира со поддршката на Apple за решавање на проблеми, поддршка и сервис.
  • Да споделува, прима или презема кратенки од интернет.

Контроли за родители

Семејното споделување ви овозможува лесно да ја споделувате содржината што ќе ја одберете со вашето семејство. Сепак, може да има моменти кога ќе сакате да го ограничите пристапот на вашето дете до одредени типови на содржини или ресурси што се достапни за останатите членови на семејството. За да ви помогнеме да управувате со пристапот на вашето дете до услугите и функциите на сметката за Apple, нудиме неколку различни контроли за родители. Тие вклучуваат Време на користење, Ограничувања и функцијата на Семејно споделување Прашај за да купиш. Контролите за трошење и примање средства преку услугите на Apple Pay, како Apple Cash, се достапни во Wallet.

Време на користење

Ако вие или вашето дете користите iOS 12 или понова верзија, iPadOS или macOS, може да ја користите функцијата Време на користење за да поставите ограничувања за колку вашето дете го користи секој iOS, iPadOS или macOS уред на кој е најавено. На пример, можете да поставите дневни временски ограничувања за категориите на апликации преку Ограничувања на апликации и да поставите конкретни часови кога времето поминато на екранот не е дозволено преку Време за одмор; да го ограничите пристапот до одредени функции, апликации или категории на апликации; да поставите ограничувања за купување или преземање содржини и ограничувања за содржини засновани на возраст за филмови, музика, книги и други содржини. За повеќе информации, одете на Употреба на Screen Time за управување со iPhone или iPad на вашето дете и Поставување на Screen Time за дете на Mac. На visionOS, одредени ограничувања на Времето на користење, како што се Ограничувањата за апликации и Времето за одмор, можеби нема да бидат достапни и нема да се пренесат на детската сметка што е најавена на Apple Vision Pro дури и ако биле користени за поставување ограничувања за таа детска сметка на iOS, iPadOS или macOS. За повеќе информации, одете на Употреба на Screen Time на Apple Vision Pro.

Ако користите Apple Watch за вашите деца и сте овозможиле Schooltime (Време за училиште), може да одлучувате кога ќе бидат ограничени одредени функции на Apple Watch за членовите на семејството. Ако членот не семејството го отклучи часовникот за време на Schooltime (Време за училиште), може да ги видите отклучувањата во апликацијата Apple Watch на вашиот iPhone. Овие информации се испраќаат во Apple целосно шифрирани, но ќе бидат поврзани со вашата сметка за Apple само за да му се овозможи на Apple да обезбедува информации за отклучувањата.

Ограничувања

Ако вие или вашето дете користите верзија на iOS постара од iOS 12, може да поставите ограничувања за детето на кој било уред со iOS или iPadOS што го користи или на Apple TV ако одите во Поставки > Општо > Ограничувања. Со овие поставки можете да ограничите функции како што се FaceTime, Camera и Safari, играње игри со повеќе играчи за апликации што се интегрираат со Game Center и определени апликации за социјалните медиуми, како и да определувате содржини што се соодветни за вашето дете. Ова е важен чекор во управувањето со активноста на вашето дете на уредите на Apple. Можете исто така да поставите ограничувања за услугите на Apple како што е апликацијата Apple TV на уреди од трети страни и одредени содржини на интернет во Поставки. Овие ограничувања и родителски контроли треба да се постават на секој уред што вашето дете го користи.

Семејно споделување и Прашај за да купиш

Семејното споделување ви овозможува да споделувате купени ставки, претплати и друго со најмногу пет други членови на семејството што ќе ги назначите преку нивните сметки за Apple. Прашај за да купиш е функција на Семејно споделување што ви овозможува да ги прегледувате и одобрувате преземените и купените ставки што ги побарало вашето дете, вклучувајќи и купувања преку апликации и бесплатни преземања, во App Store, iTunes Store или Apple Books. Со функцијата Ask to Buy, можете да одобрите исклучоци за апликации, што му овозможува на вашето дете да побара да преземе или купи апликација што има повисока оценка за старосната група отколку оценката за старосната група што сте ја поставиле за него. Кога вашето дете ќе го поднесе ова барање, можете да изберете дали ќе го одобрите или одбиете. Прашај за да купиш се овозможува стандардно за сите корисници под 13 години (или соодветна минимална возраст во зависност од јурисдикцијата) кои се додадени во семејство. Ако одлучите да го исклучите Прашај за да купиш за вашето дете, ќе добивате само информации во врска со купувањата, вклучувајќи ги и купувањата преку апликации во App Store или на друг начин користејќи iTunes, во потврда пратена преку е-пошта (испратена 24 – 72 часа по купувањето) или на сметката на вашата кредитна картичка. За повеќе информации, посетете Одобрете го она што децата го купуваат со Прашај за да купиш.

Имајте предвид дека апликациите што се купени преку нашиот план за купување на големо, повторно преземени или преземени со код за откуп може да не подлежат на ограничувањата на Прашај за да купиш.

Креирање на сметката за Apple на вашето дете

Со цел да се создаде сметка за Apple за вашето дете, прво мора да ја добиеме вашата согласност за ова откривање на семејната приватност за деца („Откривање“). Политиката за приватност на Apple и информациите за приватност специфични за производот, достапни на apple.com/legal/privacy/data, исто така се вклучени овде преку референца. Доколку постои неусогласеност помеѓу Политиката за приватност на Apple или информациите за приватност специфични за производот и ова Откривање, условите на ова Откривање ќе имаат предност.

Со цел да се почитуваат Законот за заштита на приватноста на децата на интернет (COPPA) и сличните закони во други јурисдикции, каде што е применливо, што го уредуваат собирањето податоци од деца преку интернет, Apple може да преземе дополнителни чекори за да потврди дека корисникот кој дава дозвола за креирање сметка за Apple на детето е неговиот родител или законски старател. Соодветно на тоа, во овие јурисдикции, може, на пример, да ви биде побарано да го верификувате тековниот начин на плаќање на iTunes, iCloud или Apple Store. Во зависност од начинот на плаќање, ова може да се направи со помош на безбедносниот код од вашата кредитна картичка или сличен метод на верификација. Алтернативно, можеби ќе имате опција да ја потврдите својата возраст со помош на картичката за идентитет во Wallet или да потврдите со помош на сметката за Apple.

Ние ги бараме овие информации и потврдуваме дека сте Организаторот на семејството или Родител/Старател, пред да ја добиеме вашата согласност за прибирање лични податоци од вашето дете.

Ние нема свесно да собираме, користиме или откриваме никакви лични податоци од вашето дете без ваша проверлива родителска согласност, освен ако не важи исклучок од COPPA или применлив исклучок согласно слични закони во други јурисдикции. Откако ќе ја прегледате оваа Изјава, Политиката за приватност на Apple, и информациите за приватност на соодветниот производ и ќе дадете проверлива родителска согласност, ќе можете да креирате сметка за Apple за вашето дете. Вашето дете ќе може да ја користи својата сметка за Apple за пристап до функции и услуги на Apple што користат сметка за Apple, освен оние што сте ги ограничиле во Време на користење или Ограничувања или Семејно споделување. Сепак, сметката на вашето дете не може да се отстрани од вашето семејство, освен ако не се избрише неговата сметка за Apple, ако наполни 13 години (или соодветна минимална возраст во зависност од јурисдикцијата) или ако го пренесете во друго семејство. Штом вашето дете ќе наполни 13 години (или соодветната минимална возраст зависно од јурисдикцијата), ќе му биде дозволено да ја задржи својата сметка без да учествува во Семејно споделување, доколку се исполнети определени услови.

Собирање лични податоци

Креирање детска сметка

Како дел од процесот на креирање сметка за Apple за вашето дете, ќе побараме да ни дадете информации потребни за креирање на сметката што може да вклучуваат: полно име на вашето дете, датум на раѓање, адреса на е-пошта, лозинка, одговори на три безбедносни прашања, телефонски број и земја на престој. Датумот на раѓање на вашето дете ќе се користи за да се утврдат подобните услуги и да се предложат родителски контроли.

Користење услуги на Apple со детска сметка

Apple може да собира лични податоци поврзани со користењето на погоре опишаните функции и услуги на Apple од страна на вашето дете, што се предмет на родителските контроли што сте ги поставиле и како што е опишано во Политиката за приватност на Apple.

На пример, ако вашето дете ги користи функциите за комуникација, споделување или соработка на Apple, вашето дете можеби ќе може да ги направи своите лични податоци достапни за други корисници, во согласност со ограничувањата што сте ги поставиле. Овие ограничувања може да вклучуваат, меѓу другото, Ограничувања за комуникација за да се контролира со кого вашето дете може да комуницира за време на дозволеното време на екранот преку апликации како Телефон, FaceTime и Пораки, како и Дозволени апликации и функции за да ги отстраните апликациите како Mail, AirDrop и Safari од почетниот екран на iOS уредот на вашето дете.

Може да собираме други информации од вашето дете, што во некои случаи се дефинирани како лични податоци според COPPA. На пример, кога вашето дете е најавено со неговата сметка за Apple, ние може да собираме работи како што се идентификатори на уреди, колачиња, IP-адреси и географски локации и временски зони во кои се користи неговиот Apple уред. Може да собираме и информации за активностите и интеракциите на вашето дете на нашите веб-страници, апликациите, производите и услугите, вклучувајќи ги и содржините обезбедени од развивачи на трети лица. Дополнителни детали за нашето собирање информации се наведени во Политиката за приватност на Apple.

Во одредени случаи, како на пример кога вашето дете нема сметка, може да собереме постојан идентификатор без други видови лични податоци со цел обезбедување услуга или функција што може да ја користи вашето дете. Во такви случаи, Apple ќе преземе соодветни мерки за да обезбеди дека идентификаторот со поврзаната информација (како историја на пребарување и гледање) не се користи или открива за цел што не е поврзана со услугата или функцијата или што не е дозволена според важечките закони. На пример, во апликацијата Apple TV, ако креирате детски профил, ќе собереме идентификатор за да овозможиме искуство приспособено според возраста. Дознајте повеќе за профилите на апликацијата Apple TV на apple.com/legal/privacy/data/en/apple-tv-app. Имате можност да го поврзете овој идентификатор со вашето дете преку креирање сметка за Apple за вашето дете. Како дел од креирањето на оваа сметка, информациите поврзани со тој идентификатор (на пример, што било гледано) ќе бидат поврзани со сметката за Apple за вашето дете. Информациите потоа ќе се обработуваат согласно ова Откривање.

Користење на личните податоци

Како што е наведено во Политиката за приватност на Apple, Apple може да ги користи информациите на вашето дете за да пренесува важни известувања и да испраќа информации, информации и известувања за производи и услуги, да обезбедува услуги и содржини и за подобрување на нашите производи, содржини и услуги. На пример, може да ја користиме возраста на вашето дете за да обезбедиме информации неговите права на приватност и родителска контрола и може да ја користиме возраста на вашето дете и сите ограничувања на содржините на апликациите што сте ги поставиле за да обезбедиме искуства соодветни на возраста во нашите апликации. Ако активирате Опсег на возраст за апликации, датумот на раѓање на вашето дете ќе се користи за да се утврди соодветната возраст за споделување со програмерите, подложно на дозволите што сте ги поставиле за споделување. Исто така, можеме да ги користиме неговите информации за внатрешни цели како ревизија, анализа на податоци и истражувања.

Може да користиме, пренесуваме и откриваме податоци што не се лични за било каква намена. На пример, може да собираме и користиме информации во врска со активностите на клиентите на нашата веб-страница, iCloud услугите и на iTunes Store, како и од нашите други производи и услуги за да ни помогнат да обезбедиме повеќе корисни информации за нашите клиенти и да разбереме кои делови од нашата веб-страница, производи и услуги се од најголем интерес. Сумираните податоци се сметаат за податоци што не се лични.

Поставката за Personalized Ads (Персонализирани реклами) е исклучена и не може да се овозможи за сметката за Apple на детето. Вашето дете нема да добива реклами, вклучително и реклами насочени кон неговите интереси од рекламната платформа на Apple на уреди поврзани со сметката за Apple на детето и ненасочени (т.е. контекстуални) реклами на тие уреди. Покрај тоа, поставката Allow Apps to Ask to Track (Дозволи апликации да прашуваат за следење) ќе биде исклучена и не може да се овозможи. Апликациите или огласувачите нема да можат да пристапуваат до Идентификаторот за рекламирање што го обезбедува оперативниот систем и одговорни се да се придржуваат и до упатствата на Apple што им забрануваат да спроведуваат насочено рекламирање или мерење на рекламирањето, или пак споделување информации со брокери на податоци.

Apple ги задржува личните податоци само колку што е потребно за да се исполнат целите за коишто се собрани, вклучително и како што е опишано во ова Откривање и во Политиката за приватност на Apple или како што е предвидено со законот. Ќе ги чуваме личните податоци на вашето дете колку што е неопходно за исполнување на целите наведени во ова Откривање и во Политиката за приватност на Apple. При оценување на периодите на задржување, прво внимателно испитуваме дали е неопходно да се задржат личните податоци, и, ако е потребно задржување, работиме на задржување на личните податоци за најкраткиот период што е дозволен со закон.

Откривање на личните податоци

Со користење на неговата сметка за Apple и согласно вашите ограничувања, вашето дете може да споделува свои лични податоци со вас и со други членови на вашето семејство и со други корисници, партнери од трети страни и даватели на услуги, во зависност од функциите и услугите на Apple (како што се тие опишани погоре) што ги користи.

Членови на вашето семејство и други корисници

Како дел од Семејното споделување, информациите на вашето дете, вклучително и неговите минати и идни купувања и претплати во App Store, iTunes Store, Apple Books или Apple TV, може да се споделат со членовите на вашето Семејство доколку е вклучено споделувањето купувања. Во зависност од поставените ограничувања, вашето дете може да избере да ги сподели својата содржина, документи и податоци со членовите на вашето семејство преку функциите и услугите на Apple што користат сметка за Apple, како што се iCloud Photo Sharing, заеднички календари и потсетници, Find My и споделување на локација. Ако вие, вашето дете или друг член на вашето семејство се најавите на уред Apple како што е Apple TV, уредот може да предложи додавање други членови на семејството со прикажување на нивното име на сметката за Apple и фотографија на профилот.

Ако вашето дете ги користи функциите за комуникација, споделување или соработка на Apple, може да ги направи своите лични податоци достапни за други корисници, во зависност од поставените ограничувања.

Покрај тоа, ако вашето дете се најави на својата сметка за Apple на уред што е во сопственост на трето лице (како, на пример, iPad на некој пријател или на училиште), информациите на вашето дете, како и споделените информации на други членови на вашето семејство, може да се преземат и да бидат видливи за останатите што го користат тој уред, освен и сè додека сметката за Apple на вашето дете не се одјави од тој уред.

Партнери од трети страни

Во дадени моменти, Apple може да биде партнер со трети страни со цел давање услуги или други понуди. На пример, ако изберете да овозможите сметка на Apple Cash за вашето дете, неговите информации ќе се споделат со партнерската банка на Apple, Green Dot Bank, за да ви се обезбеди услугата што сте ја побарале. Apple ќе ги споделува личните податоци на вашето дете само за да овозможи или да ги подобри своите производи и услуги; тие нема да се споделуваат со трети лица за нивни маркетиншки цели.

Даватели на услуги

Apple ги споделува личните податоци со компании што обезбедуваат услуги како што се обработка на податоци, исполнување кориснички нарачки, доставување производи до вас или вашето дете, управување со и подобрување на корисничките податоци, обезбедување кориснички услуги и поддршка, проценување на вашиот или интересот на вашето дете за нашите производи и услуги и спроведување истражувања на корисниците или анкети за степенот на задоволство на корисниците. Овие компании се обврзани да ги заштитат податоците на вашето дете и може да се наоѓаат секаде каде што работи Apple.

Други

Може да е неопходно – на пример, поради закон, законска процедура, парница и барања од јавните и владини тела во или надвор од вашата земја на престој – Apple да ги открие вашите или личните податоци на вашето дете. Исто така, може да откриеме лични податоци за вас или вашето дете доколку утврдиме дека, за целите на националната безбедност, спроведувањето на законите или други прашања од јавен интерес, откривањето е неопходно или соодветно.

Исто така, може да откриеме лични податоци за вас или вашето дете доколку утврдиме дека откривањето е разумно неопходно за спроведувањето на нашите услови и правила или за да го заштитиме нашето работење или корисниците. Покрај тоа, во случај на реорганизација, спојување или продажба, може да пренесеме некои или сите лични податоци што сме ги собрале на соодветната трета страна.

Пристап, исправка и бришење

За остварување на правата на приватност за информациите за вашето дете, посетете ја страницата за податоци и приватност на Apple на privacy.apple.com и најавете се на неговата сметка. Ако имате прашања, контактирајте со нас на:

apple.com/legal/privacy/contact

Или со користење на информациите за контакт наведени подолу:

Apple
One Apple Park Way
Cupertino, CA 95014
+1 408 996 1010

Согласност за собирање, користење и откривање на личните податоци на вашето дете од страна на Apple

Со кликнување на „Се согласувам“, давате согласност за собирање, користење и откривање на информациите за вашето дете, како што е наведено во Политиката за приватност на Apple, информациите за приватност за одделни производи и ова Откривање.

Имајте предвид: оваа согласност не се однесува на практиките за собирање податоци на трети лица. Третите лица, вклучувајќи ги и програмерите на апликациите преземени од кој било член на семејството и достапни за вашето дете преку Семејно споделување, кои може да ги собираат, користат или да ги обелоденат информациите на вашето дете, се одговорни за добивање посебна родителска согласност што може да се верификува. Ве поттикнуваме да побарате од вашето дете да ве праша пред да даде пристап до кои било од своите лични податоци на таквите трети страни.

Имајте предвид: Apple постојано објавува ажурирања на софтверот за нашите уреди. Притоа, тие ажурирања ќе бидат достапни за преземање на релевантниот уред, вклучувајќи ги и уредите на кои вашето дете ја користи својата сметка за Apple. Препорачуваме да го започнете ажурирањето и да ги прегледате и да се согласите со важечките услови, како оние за iOS, macOS и visionOS на секој таков уред.

Ако имате какви било прашања или грижи во врска со Политиката за приватност на Apple, информации за приватност специфични за производот или со ова Откривање, контактирајте со нас на apple.com/legal/privacy/contact.

2026-04-22